Поучни слова

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на сеноќното бдение за празникот Благовештение, по читањето на Светото Евангелие на Божествената Евхаристија.

Денес, мили мои, славиме навистина голем празник, истовремено и Господов и Богородичен. Го славиме „почетокот на нашето спасение“, празникот на Светото Благовештение, односно зачнувањето на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос во утробата на Пренепорочната Дева Марија, нашата Богородица. Ако светот некогаш имал повод да се израдува за нешто, тогаш единствената и најголема причина за неговата радост е токму воплотувањето на Словото Божјо во неосквернетата и пречиста утроба на Пресвета Богородица.